“Хојгенс” стигна на сатурновата месечина Титан – DW – 14.01.2005
  1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

“Хојгенс” стигна на сатурновата месечина Титан

14 јануари 2005

“Ова е споредливо со првиот плач на едно бебе” – оцени денеска Жан-Пјер Лебретон, раководител на научни проекти од Станицата за контрола на вселенски летови од Дармштат известувајќи дека мрежа од радарски телескопи на Земјата регистрирала први знаци од европската вселенска сонда "Хојгенс". Тие сведочат дека сондата функционира во критичната фаза на навлегување во атмосферата на Титан, месечина на плане

https://p.dw.com/p/AefK
Сондите „Касини“ и „Хојгенс“
Сондите „Касини“ и „Хојгенс“Фотографија: EUROPEAN SPACE AGENCY ESA/ESOC

тата Сатурн од нашиов Сончев систем.

Вселенската сонда функционира според планот, падобраните се отвориле и ја намалиле брзината на сондата. Петнаесетина минути пред критичниот момент на навлегување во атмосферата на Титан, претпладнето некаде по десет часот, биле вклучени мерните уреди на сондата. Според плановите на научниците, околу 13 часот се очекуваа првите резултати од извршените мерења, но дури по 17 часот, кога на земјата треба да стигнат првите податоци испратени од "Хојгенс", ќе може да се констатира дали апаратите правилно функционираат. Тогаш ќе се знае и дали успеа еден од најважните проекти на европската вселенска програма.

Капсулата наречена според холандскиот астроном Кристијан Хојгенс, кој во 17-от век утврди дека планетата Сатурн е опкружена од слободно лебдечки прстен, а во 1655-тата година ја откри и сатурновата месечина Титан, е вредна 360 милиони евра и тешка 343 килограми. Таа за време на двиополчасовното спуштање треба да испрати колку што е можно повеќе податоци во врска со хемискиот и физички состав на атмосферата на Титан и временските услови таму. Титан има пречник од 5150 километри, за половина е помал од земјината топка, и, покрај Земјата, е единственото тело во Сончевиот систем што има атмосфера со облаци, дождови и ветер. На неговата површина веројатно има и езера од течен метан. "

Хојгенс" беше лансиран во вселената на 15-ти октомври 1997-ма година заедно со сондата "Касини" на американската вселенска агенција НАСА. Во меѓувреме тие поминаа пат од околу три ипол милијарди километри, непосредно пред Божик се разделија и сега "Касини" треба како мост да ги пренесе на земјата сигналите од "Хојгенс". Сондата "Хојгенс" има на располагање само околу 140 минути за мерења и фотографирања, затоа што потоа ќе биде загубена врската со "Касини", а и батериите можат да издржат вкупно до 4 часа. Сондата "Касини", вредна преку две милијарди евра, треба да ја продолжи својата мисија најмалку уште 4 ипол години и да изврши многубројни мерења на планетата Сатурн и системот вселенски тела околу неа.