Усвоена Резолуцијата за преговорите со Бугарија – DW – 29.07.2021
  1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Усвоена Резолуцијата за преговорите со Бугарија

ДТЗ
29 јули 2021

Со Резолуцијата ќе се покаже и утврди во кои рамки смее да се разговара, а што е рушење на национални и државни интереси, вели Мицкоски.

https://p.dw.com/p/3yGXu
Nordmazedonien Parlament - Sitzung am 25.03.2021
Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Македонското Собрание ја усвои Резолуцијата за утврдување на државните позиции во контекст на блокадите на европските интеграции, поднесена од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ. За Резолуцијата гласаа 96 пратеник, 95 гласаа „за“, а еден беше воздржан. Претходно, пратениците го поддржаа амандманот поднесен од група пратеници во Резолуцијата да се внесе уставното име на државата - Република Северна Македонија.

„Македонскиот идентитет и јазик се неприкосновена реалност на нашиот народ. Тие се наше наследство од претходните генерации и аманет за идните генерации. Токму затоа со оваа Резолуција посакуваме да ставиме крај на постојано присутните тенденции на негирање на волјата на народот и на преговори без граници за теми и дилеми кои припаѓаат во вековите од далечното минато“, рече пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Тимчо Муцунски. Тој смета дека со Резолуцијата на македонската дипломатија и се дава цврста алатка во раце, со која на меѓународната сцена одговорно ќе се грижа за целосна заштита на македонскиот идентитет, традициите, етнокултурна посебност, колективниот интегритет...

Bildkombo Flaggen | Mazedonien und Bulgarien
Фотографија: Uwe Scholz/teamwork/imago images

-повеќе на темата: СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ ќе се обединат за јазикот и идентитетот

Координаторот на пратеничката група на СДСМ, Јован Митрески ги повтори црвените линии во преговорите со Бугарија. „За македонскиот идентитет, македонскиот јазик, за македонската посебност, немало, нема и никогаш нема да има преговори. Едноставно, не може да се преговара за тоа што е неспорен факт. Денес, за целиот свет ние сме Македонци, кои зборуваат македонски јазик“, рече Митрески.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, го поздрави донесувањето на Резолуцијата во македонското Собрание со која јасно се оцртуваат национални и државни позиции во однос на македонскиот јазик, историја и идентитет.

„Ваквата Резолуција како акт на законодавниот највисок демократски дом не може и не смее да биде прекршен и ќе биде обврзен акт за оваа и секоја идна Влада, претседател на држава и секоја институција по однос на идентитетските теми и прашања“, вели Мицкоски.